Спорт плус
4. May 2016 - 17:41

Над 7.000 пријавени на „Виз Ер Скопски Маратон 2016“

 
Над 7.000 натпреварувачи од 45 држави се пријавени на овогодинешниот „Виз Ер Скопски Маратон“ што ќе се одржи во недела на 8. мај, по повод Денот на Европа.
 
Предвидени се маратон во должина од 42,195 километри, полумаратон од 21,097 километри, трка на пет километри, штафетен маратон и хуманитарна/тим билдинг трка. Стартот е закажан во 8:45 часот од улицата „Димитрије Чуповски“ во центарот на градот.
 
Според организаторите на „Виз Ер Скопскиот Маратон“, бројот на пријавени учесници е и повеќе од задоволителен и очекуваат над 7.000 натпреварувачи спремни и полни со елан и мотивација да се појават на стартната линија оваа недела.
 
Учесниците кои се имаат пријавено на официјалниот веб сајт, како што информираат организаторите, ќе можат да ги подигнат своите стартни пакети на 6 и 7 мај од 10:00 до 19:00 часот во холот на Конгресниот центар „Александар Македонски“ во Скопје.
 
- Оваа година „Виз Ер Скопскиот Маратон“ е дел од онлајн платформата „Codoon“, која е наменета само за кинески корисници. На оваа платформа доброволно се пријавуваат лица кои ќе трчаат на различни локации во Кина, во исто време кога ќе се одржува и маратонот во Скопје на 8. мај. До сега се имаат пријавено над 80.000 тркачи во Кина, иформираат организаторите.
 
И годинава традиционално ќе се изберат и најдобра фотографија и најдобар транспарент на маратонот. Повеќе информации за конкурсите за најдобра фотографија и конкурсот за најдобар  транспарент, може да се најдат на www.skopskimaraton.com.mk.
 
Сите заинтересирани кои имаат желба можат да се пријават за волонтирање за време на маратонот. 
 
Дванаесеттото издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Мисијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт. Маратонот ќе се одржи на 8-ми мај по повод Денот на Европа. Првиот скопски маратон е одржан во 2007 година.