Македонија
27. May 2024 - 12:33

Над 60% загуба на вода во водоснабдителниот систем на ЈП „Исар“-Штип

Дивите приклучоци, кражбите и честите дефекти на водоводната мрежа се причина за загуба од над 60% испорачана, но нефактурирана вода за пиење. Со овој проблем ЈП „Исар“ од Штип се соочува со години наназад. За да добиваат паушални сметки за потрошена вода, некои корисници пак ги демонтираат водомерите и посебно во летните месеци ја користат за наводнување на градините.

-Бидејќи нешто што не е точно евидентирано, граѓаните немаат обврска да се грижат за истото, па затоа имаме вакви ситуации да во летниот период во одредени населби има големо течение на вода. Луѓето не ја користат рационално. Имаме случаеви каде одредени домаќинства водата за пиење ја користат за наводнуваање на земјоделски површини, а тоа е вода која е третирана хемиски, изјави Кирил Зајков, директор на ЈП„Исар„-Штип.

Нерационалната потрошувачка ги остава жителите на повисоките градски населби без вода и по неколку денови.

-Во текот на оваа година ќе започне градењето на резервоарот во населбата Пребег, населба која со децении има проблем со водоснабдувањето. Ова се случува бидејќи населбата Пребег е на иста висинска кота како и филтер станицата, па затоа во летните периоди при енормното користење на вода од страна на другите домаќинства е причина за одредени точки во оваа населба во летниот период немат доволно количина на вода, додаде Зајков.

Општината доби 1,2 милиони евра од ТАВ, како компензација за неизградениот карго аеродром. Со овие и дополнителни средства од локалниот буџет се гради линија 2, која ќе го реши рестриктивното водоснабдување во високите зони. Ќе се реконструира и примарната водоводна линија која е дотрајана и стара повеќе од 60 години, поради што има чести дефекти.