Македонија
17. March 2025 - 17:39

Над 20 осомничени

Повеќе од 22 лица имаат статус на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59, а повредени се 162 луѓе. Досега приведени се 13 лица, а 11 добија краткорочен 48-притвор кој се користи во тешки и сложени постапки, а кој треба да им даде доволно време на истражните органи да ги приберат потребните докази. Меѓу осомничените не е градоначаланикот на општина Кочани, кој денеска си поднесе оставка. 

- Во текот на вчерашниот ден се приведени 13 лица во ПС Штип. Приведен е неформален сопственик на дискотека, продавачот на билети, четири лица од обезбедување, управител на Агенција за обезбедување, на подружница, сопственик на објект на дискотека, три лица од Државен пазарен инспекторат, едно лице од Трудов инспекторат и уште едно лице коешто било поврзано со настанот, вели Тошковски.
Досега извршена е обдукција на 15 тела на загинатите. Од увидот кој го направија истражните органи, констатирано е дека концертот на групата „ДНК“ се одржал на диво. 

- Дискотеката не само што немала соодветна лиценца, туку работела и во објект чија намена е лесна индустрија, а не угостителство. Прекршени се повеќе стандарди кои се трошат со правилата за противпожарна заштита. За цел клуб имало 2 ПП апарати. Немало излезни врати за евакуација. Противзаконски биле користени пиротехничките средства. Коцертот народски кажано бил одржан на диво бидејќи немало договор писмен помеѓу организраторот и изведувачите. 

И Тошковски и премиерот Мицкоски уверуваат дека одговорност ќе има за сите инволвирани без разлика дали доаѓаат од внатре од институциите и без разлика на која политичка гарнитура припаѓаат.

- Ќе одговарате сите коишто сте се дрзнавте на овој начин да водите политика и на грбот на граѓаните и животите коишто овие деца ги изгубија. И нема да има милост, од дома ќе ги вадиме. Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство коешто вчера се обидоа со тие полноќни прес-конфернеција. Од дома за уши ќе ги вадиме. Ова треба да го знаат, рече Мицкоски. 

Според најавите од органите на прогонот, и денеска се очекува да има приведувања и повикување на информативен разговор на лица од интерес.