Бизнис
7. May 2021 - 19:53

Над 128 илјади вработени во земјата работат на црно

Над 128 илјади вработени во земјата работат на црно. Немаат платени придонеси, здравствено осигурување, најчесто земаат ниски плати, под 20.000 денари месечно и токму тие најсилно ги почувствувале последиците од Ковид панедимијата. Дури 65% од нив изминатиот период останале без егзистенција, бидејќи работата во земјоделието, градежништвото и услужниот сектор се дејности кои не функционираат со работа од дома, покажало истражувањето на Аналитика.

-Најголем дел од испитаниците, 65% од неформално вработените не остварувале приходи во претходниот период, 16% од испитаниците бележат ниво на доход пониско од законската месечна минимална плата, 46% од испитаниците кажале дека Ковид-19 пандемијата придонела за значајно зголемување на трошоците за разни намени поврзани со оваа пандемија, дури 62% од испитаниците се соочиле со значајно намалување на своите приходи како последица од пандемијата, а 17% од неформалните работници ја изгубиле својата работа како последица од КОВИД-19 пандемијата, 75% потврдиле дека немаат искористено ниту една мерка во претходниот период, вели Тамара Мијовиќ Спасова, од Аналитика.

Државата се обиде да им помогне преку пакет мерките, но истражувањето покажува дека 75% од неформално вработените не искористиле ниту една мерка. Според министерката за труд Шахпаска, на ранливите категории им се помогна со зголемен  опфатот на лица кои земаат гарантирана минимална помош. За една година, во системот се запишани нови 6.500 сиромашни.

-Од април лани до април оваа година од 27.000 корисници на социјална помош се стигна до бројка 33.500 лица, изјави Јагода Шахпаска, министерка за труд.

Од Аналитика препорачуваат да се зголеми опфатот за социјална заштита, парите да им се префрлаат навреме, државата да им обезбеди бесплатна заштитна опрема, да се ослобадат од плаќање сметки за електрична енергија и кирија.

-Она што сите го сфатија од оваа пандемија, било формална или неформална економија е дека државата, општината, значи државниот апарат е единствениот кој може да помогне во овааа ситуација, изјави  Борче Треновски, проектен координатор, Аналитика.

Сепак, проблем со неформалната економија имаат и развиените земји. Околу 2 милијарди лица работеле во сивата  економија, а речиси 1,6 милијарди имале пад на приходите од дури 60% изминатата година.