Македонија
14. September 2019 - 14:21

Над 1.200 млади ќе можат да се обучат за ИТ вештини

Вкупно 1.253 невработени млади лица до 34 години, преку обуки кои ќе ги спроведат обучувачи, ќе имаат можност за доквалификација и квалификација за ИТ вештини со што ќе се стекнат со официјален акредитиран сертификат.

Оваа мерка денеска на прес-конференција ја најавија министерите за труд и социјална политика и информатичко општество Мила Царовска и Дамјан Манчевски. Мерката ќе се реализира преку Агенцијата за вработување, а занеа се издвоени 35,1 милион денари.

-Повикот за обуките е објавен денес, а пред девет дена и за спроведувачите на обуките. Она што е важно за нас како Влада е младите  да се обучат и да добијат шанса не само за ниско платените места, туку и за високо платените работни места како што се работните места во ИТ секторот, истакна Царовска.

Таа ги повика сите млади жени да се пријават на конкурсот затоа што, како што рече, искористеноста на овие мерки од страна на жените во  изминатите години е околу 20 проценти, а вкупната  искористеност на оперативните мерки за вработување на жените е 50 отсто.

Министерот за информатичко општество рече дека во нашата земја има потреба од обучени луѓе во ИТ секторот и дека на тоа укажуваат бројките на новорегистрирани ИТ компании.

Информираше дека ИКТ индустријата е во постојан раст и дека има над 2.000 регистрирани ИТ компании  како и тоа дека во првата половина во годинава основани се уште 145 нови. Бројот на вработени во овие ИТ компании се движи меѓу 14 и 18 илјади лица. а растот на ИКТ инндистријата во последните пет години е 47 проценти.

Една од следните мерки што следува до крајот на годината, како што најави Манчевски, е намалувањето на данокот на добивка за развој во ИКТ индустријата на три проценти, што според него, дополнително ќе ги мотивира инвесторите да отвораат нови места.

Обуките за напредни ИТ вештини, како што појасни директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, ќе се спроведат од страна на обучувачи низ целата држава, зависно од пројавениот интерес на невработените лица. Таа ги повика сите лица до 34 годишна возраст да се вклучат во оваа мерка, а тие кои ќе бидат вклучени на обуките ќе добијат ваучер за посетување на обуките и за полагање на испит.

Кандидатите пак треба да се пријават за полагање на испитот во рок од три месеци по завршување на обуките кои ќе траат четири месеци, а една обука три месеци. Лицата кои редовно ќе ја посетуваат обуката ќе добијат уверени, додека лицата кои успешно ќе го положат испитот, ќе добијат официјален акредитиран сертификат.