Македонија
1. April 2016 - 12:39

Над 1.000 детски маски на денот на шегата во Крива Паланка

Повеќе од илјада дечиња маскирани во ликовите на своите омилени јунаци од приказните и цртаните серии денеска продефилираа низ Крива Паланка по повод првоаприлската маскарада 2016.

Кловнови, нинџа желки, лекари, пајаци, кошаркари, пчелички, пеперутки, принцези, беа само дел од стотиците маски кои ги затскрија ликовите на дечињата од детската градинка „Детелинка“ и двете основни училишта од Крива Паланка, „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“. Тие придружувани од своите наставници учествуваа на дефилето од училишните згради, низ центарот на градот долж главната улица „Св.Јоаким Осоговски“, до полоштадот „Карпошово востание“ пред зградата на локалната самоуправа на општина Крива Паланка. Најмалите дефилираа засмевајќи ги повозрасните со шегите и шегобијните песни кои ги кажуваа.

По повод Први април, денот на шегата, ООУ „Илинден“ од Крива Паланка ја претставуваше општината на манифестацијата Маскарада во Пробиштип.

- Нашите ученици ја претставија Крива Паланка на традиционалната пробиштипска маскарада со групна маска „Мумии“ која ја изработија под менторство на наставничките Пепица Јаначковска-Стојчевска, Билјана Јовановска и Рајна Јакимовска. Дваесетте ученици настапија и со двеминутна ритмичка точка со кореографија-информира директорот на ООУ „Илинден“, Кр Паланка, Оливер Дејановски.