Македонија
28. February 2024 - 16:40

Над 100 заболени од голема кашлица во Скопје

Бројката на заболени од голема кашлица во Скопје надмина 100. Според податоците од Центарот за јавно здравје речиси половината се пријавени во последните 5 дена. Случаи се регистрирани скоро во сите скопски општини. Најмногу 12 односно 11 има во Карпош и Аеродром. Според возраста доминираат деца на училишна возраст од 14 години. Епидемиолошките анкети покажуваат дека 24 лица од новопотврдените со пертусис биле вакцинирани, останатите или не примиле ди-те-пер или нивниот вакцинален статус не е познат, велат од ЦЈЗ Скопје.

Министерот за труд и социјала тврди дека при контролите во градинките инспекторите констатирале дека немало ниту едно не вакцинирано дете откако беше прогласена епидемија.

- Имаме записници добиено по основ на самите инспекциски надзори. Досега не се констатирани прекршувања, односно во самите решенија коишто се доставени од инспекторите нема прекршување на делот каде што градинките не го почитуваат законскиот момент за прием на деца кои немаат вакцинални картони, односно се здрави. Така што, има контроли, на терен се инспекторите, сме во постојана координација и се надевам дека ќе придонесеме да не се рашири повеќе оваа болест, изјави Ѓоко Велковски, технички министер за труд и социјална политика.

Дали освен вакцинацијата и приемот во градинка Комисијата за заразни болести ќе препорача и други мерки ќе се знае идната недела, бидејќи деновиве нема да има состанок. Не е искучено епидемија на голема кашлица да се прогласи на територијата на цела држава бидејќи случаи се пријавени во неколку градови.