Македонија
26. September 2020 - 16:47

Националната платформа за он-лајн наставa достапна на интернет

Националната платформата за далечинско учење скулс мк е достапна за употреба. Училиштата веќе ги добиле корисничките имиња и лозинките за сите ученици и треба да ги достават до родителите за да може да ја тестираат платформата. Министерството за образование апелира тоа да се направи викендов пред почетокот на учебната година која треба да стартува за пет дена.

На интернет платформата засега поставено е воведно упатство како функцинира страницата, но и десетина видео упатства за посебни делови од платформата од регистрирање, до распоред на часови и користење на видео лекциите.

Наставата може да се следи од компјутер, лаптоп, таблет или телефон, а има можност и за конференциска врска.

Надлежните велат дека корисничко име и лозинка ќе имаат сите ученици во државата и дека сите треба да се регистрираат за да тестираат дали платформата функцинира за нив.  Оние кои се определиле за физичка настава, корисиничкото име на платформата ќе го имаат како резерва доколку треба да се оди во изолација или пак, да се користат снинмените лекции како помош во редовната настава.

„Националната платформа ја ставаме како ресурс за учење на сите деца во државата и сите ученици во основните и средните училишта ќе добијат лозинки за нејзино користење. Регистацијата на платформата, значи користење на платформата за учење од далечина и во ниту еден случај не е поврзана со уписот на децата во училиштата, велат од МОН.

За децата коишто немаат уреди за онлајн следење, ќе се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку националниот сервис, а ќе се доставуваат и печатени материјали и наставниците да бидат во постојана комуникација со нив за да го следат напредокот во учењето.

Учебната година ќе почне на 1 октомври. Одлуката е учениците од 1 до 3 одделение да посетуваат настава со физичко присуство додека останатите да бидат онлајн. Сепак, по нивно барање, Владата одлучи настава со физичко присуство за ученици над 4 одделение или во средно образование да се одвива во 169 училишта кои можат да ги обезбедат здравствените протколи.