Македонија
1. August 2016 - 8:40

Началникот на ГШ на АРМ Величковски во посета на македонските мировници во Кабул


Воена делегација на Армијата на република Македонија предводена од началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски ќе оствари дводневна официјална посета на македонските мировници и на командата на мисијата  „Одлучна поддршка“ во Кабул, ИР Авганистан.

Генералот Величковски, денеска ќе оствари официјална средба со командантот на мисијата „Одлучна поддршка“ генерал Џон  Николсон, како  и средби со одговорните старешини во командата на за обука советување и асистенција на главниот град (КОСАГГ), соопшти ГШ на АРМ.

За време на престојот во Авганистан на 2. Август, македонската воена делегација заедно со сите припадници на АРМ од оваа ротација кои се наоѓаат во мисијата „Одлучна Поддршка“ ќе го прослават  државниот празник Илинден.

Ова е  прва посета на македонските мировници и на командата на НАТО предводената мисија „Одлучна поддршка“ од страна на највисокото воено раководство на АРМ од нејзиниот почеток во јануари  2015 година.

Македонскиот контингент го сочинуваат 39 припадници на АРМ кои ги извршуваат должностите во состав на КОСАГГ, силите за обезбедување на главната команда на мисијата  „Одлучна Поддршка“ во Кабул и во командата за обука советување и асистенција север. цр/вг/07:30

###