Набавка според квалитет а не според цена, бараат дијабетичарите
Не најниска цена туку квалитетот да е пресуден за набавка на глукомерите, а не да ги делат во најлонски кеси како од пазар, бараат дијабетичарите. Нивната реакција доаѓа по вчерашните тврдења на надлежните институции дека медицинските помагала што ги има во некои инсулински аптеки биле исправни и безбедни, а производот е увезен законски.
Граѓани кои со децении се на инсулин велат дека ова е првпат вака да добиваат апаратчиња без дел од оригиналните упатства што уште повеќе го зголемува нивниот сомнеж и грижа за сопственото здравје.
- Не знам по кој стандард може да се дава отоврен апарат на пациент. Но уште нешто, лентите кои сега ги добиваме и кои се на Тајсон, можат да мерат и на претходниот апарат што го добиваме, што за мене како пациент не би требало да биде така, вели Татјана Беака Паковска, дијабетичар и секретар на Сојуз на здруженија на дијабетичари.
Засега нема отворено предмет по допрен глас, но Обвинителството го следи случајот со дијабетичарите.
- Јавното обвинителство ги следи сите информации и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело или биде доставена кривична пријава, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности и ќе ги провери наводите, велат од ЈОРМ.
Неколкумесечната голгота на дијабетичарите продолжува иако се појавија апарати во кеси и ленти без упатства. Бидејќи нема во доволни количини, во едни аптеки има, во други нема или можат да се најдат само дел од неопдохните медицински средства.
- Има постари дијабетичари, па синот ќе излезе од работа, па ќе оди во една аптека, па нема, па во друга па таму донеле само 10 паковања ама тие биле само за тип еден, а не и за дијабет тип два, вели Паковска.
Инаку, на првостепената Комисија при Министерството за здравство била избрана друга фирма и други медицински помагала, но по поднесена жалба на второстепена комисија го избрале поевтиниот понудувач.
Фатмир Меџити откако ќе се врати во државата ќе ги повикал дијабетичарите да имаат увид во целосната документација.
Од Сојузот бараат и поддршка од 15 пратеници за да може да има надзорна расправа за нивниот случај.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар