На снег и минусни температури РЕК Битола работи само со еден блок
РЕК Битола среде зима работи само со еден блок. На минусни температури и снег, кога потрошувачката на струја е зголемена заради греење на домаќинствата, на мрежа е приклучен само вториот блок од овој комбинат. Вака функционира веќе некое време.
„Во функција е Блок 2, сѐ е подготвено за вклучување на Блок 1 веќе неколку денови и се чека МЕПСО да создаде услови за негово вклучување во мрежа. Блок 3 планирано е во застој и на него се одвиваат тековни активности за одржување на постројката“, велат од РЕК Битола.
Оттаму очекуваат комбинатот до крајот на месецов да работи со полн капацитет.
МЕПСО, пак, вели дека прво треба да се надмине проблемот со дефектот на далновод кој е на ЕСМ.
„На 110 kv далекувод кој е во сопственост на ЕСМ се случија многу испади во кусо време. Додека стручните екипи не ја утврдат причината за тоа, РЕК и МЕПСО се договорија да не се пушта во употреба конкретниот далекувод за да се исклучи можноста од настанување поголема штета“.
Додаваат дека екипите биле на терен и работат на утврдување на причините за дефектот.
Од ЕСМ два дена не одговараат на нашите прашања.
Поранешниот директор на РЕК Битола вели дека е срамота кога најмногу е потребно, комбинатот едвај да функционира.
„Кога РЕК Битола во зимски услови работи само со еден блок не можеме ние како граѓани на Македонија да очекуваме нешто подобро. Ова никогаш не било. Се случувале испади секогаш, но ова што сега се случува мене ми личи како нешто намерно РЕК Битола да треба да излезе од системот. Се уште е рано и Македонија нема капацитети кои би го замениле РЕК Битола. Треба да е во зимски услови максимален со три блока и да функционира“ – Спиро Мавровски, екс директор на РЕК Битола
Во меѓувреме, земјава редовно купува струја од странство. Според податоците, откако е почната грејната сезона, направени се 11 набавки за увоз на електрична енергија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар