Македонија
26. March 2019 - 16:06

На претстојниот попис ќе се регистрираат и иселениците преку изјава на нивните блиски

На претстојниот попис на населението иселениците во дијаспората ќе можат да се регистрират само со изјава од членовите на нивните семејства.

Презентирајќи го нивниот матичен број, тие на овој начин ќе можат да докажат дека се граѓани на Македонија.

Веста ја соопшти вицепремиерот Османи, и тоа најверојатно е неопходниот компромис, откако претходно беше најавено дека на пописот сепак ќе има и графа за етничка припадност.

На овој начин се очекува да биде решено спорното прашање кое го кочеше процесот - како ќе се попишуваат иселениците во дијаспората.

Во врска со законот за попис, Османи рече дека во Владата ги усогласиле основните принципи. Дополни дека треба да се усогласат некои технички детали, по што законот треба да биде испретен во Собранието на усвојување.

Пописот треба да биде спроведен од 1-ви до 21-ви април 2020 година. Последниот беше реализиран во 2002-та година и беше проследен со бројни дебати во врска со процентот на населението во земјава од етничка гледна точка.

Попис имаше и во 2011-та година, но беше прекинат на последниот ден од неговото спроведување. За евентуалната одговорност за прекинатиот попис истражна постапка отвори и Специјалното јавно обвинителство.