На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени тројца кандидати, предлозите доставени до Владата
На огласот за нов државен јавен обвинител се пријавиле тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство на РСМ. Предлозите се доставени до Владата, информираат за МИА од Собранието. Владата на седница треба да донесе одлука и да ги проследи предлозите на мислење до Советот на јавните обвинители.
Собранието огласот го објави на 29 ноември годинава, откако пратениците ја изгласаа одлуката за именување нов јавен обвинител.
На актуелниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески мандатот му истекува на 25 декември, а со оглед на законските рокови според кои пријавените кандидати ќе треба да го поминат филтерот на Советот на јавните обвинители, за што имаат рок од 15 дена да дадат позитивно или негативно мислење до Владата, по што Владата до Собранието предлага еден од кандидатите што добил позитивно мислење, Советот на јавни обвинители неделава ќе треба да именува вршител на должност државен јавен обвинител.
Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.
Листата со кандидати се доставува до Советот на јавни обвинители, којшто во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето треба да достави до Владата образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон. Потоа, Владата до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители.
Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рокот не достави мислење до Владата тој (рокот) се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок, Советот на јавни обвинители не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.
Доколку Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата на Република Северна Македонија не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот.
Актуелниот државен обвинител, Јовевски, беше именуван на 25 декември 2017 година, а го наследи Марко Зврлевски, кој беше разрешен во август истата година.
Ново на Сител
-
Притвор за 28-годишник осомничен за демнење на градоначалникот на Неготино
-
Мерц сака договор со Шолц пред самитот на ЕУ за Украина
-
Фон дер Лајен најави Акциски план за поддршка на европската автомобилска индустрија
-
Стуб: Финска ќе учествува во изготвувањето на мировниот план за Украина
-
Неопходно е воспоставување на закони и механизми кои ги штитат и поддржуваат правата на жените, порача Рокас на националната конференција „Заедно сме посилни“
-
Руската ФСБ уби осомничен терорист кој планирал напади во Москва
-
Автомобил влета во толпа луѓе во германскиот град Мајнхајм, најмалку едно лице загина
-
Зеленски: Некој што сака преговори намерно не пука во луѓе со балистички проектили