Македонија
17. July 2015 - 16:42

На новата државна кардиохирургија извршени 6 операции

Во државната кардиохирургија работат турбо. За два дена направени 6 операции на срце. Пациентите се на возраст од 60 до 65 години и сите имале коронарни проблеми. Ги оперирал реномираниот кардиохирург Омер Џемали. Интервенциите биле изведени во новите простории на клиниката каде денеска го затекнавме др. Џемали кој беше во визита со тимот од кардиохирургија.

- За два дена направивме 6 операции. Сите пациенти се со коронарни болести  чии дијагнози се воспоставени од кардиологиите во Тетово, Охрид, од сегде. Тие се во добра здравствена состојба  и нема потреба од интензивна нега, вели др. Омер Џемали визитинг професор на Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје

Чест е да кажам дека работам во Државната кардиохиругија. Оваа изјава доаѓа од докторот кој работи во реномирани и познати европски кардиохиругии, лекар кој годишно прави околу 350 операции  на срце, професор во Универзитетот Гете во Франкфурт, професор во Универзитетот во Цирих и визитинг професор по кардиохирургија на универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје.

- Горд сум да кажам дека работам во Државната кардиохиругија која е иста како и сите познати центри во Европа. Технички е многу добро подготвена како и останатите болници од овој вид. останува уште да го спроведеме работниот протокол, вели др. Омер Џемали

Државната кардиохирургија беше сон на многу генерации во македонското здравство. Стана јаве во март минатата година кога беше направена првата кардиохируршка операција на Клиниката за детска хирургија. Досега се направени 92 интервенции од кои 6 во новиот објект на клиниката. Според надлежните, установата располага со најсовремена опрема од најнова генерација а тимот е подготвен да одговори на сите предизвици во оваа сфера во која го имаме најголемиот морбидитет и морталитет.