На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска со мнозинство гласови „за“ го прифати барањето на судот и му препорача на Собранието да му го одземе пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.
За одземање на мандатот на Груевски гласаа пет од деветте членови на Комисијата. На гласањето не присуствуваа членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тие дојдоа на Комисијата, но по искажаните забелешки на Трајко Вејланоски дека се води политички, а не правен процес, ја напуштија седницата.
Претседателот на Комисјата Павле Богоевски, пак, кажа дека тој е за одземање на мандатот на Груевски бидејќи делата кои му се ставаат на товар го прават недостоен за вршење на пратеничката функција.
На седницата беше поканет и Груевски, но не присуствуваше бидејќи е на судење за предметот „Титаник“.
Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.
По предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница, а претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот. За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Незивесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.
Груевски најдоцна до 8 овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.
Поранешниот премиер Груевски беше прогласен за виновен и осуден на двегодишна затворска казна на 23 мај. Тој заедно со првообвинетиот во „Тенк“ Ѓоко Поповски поднесоа жалба до Апелацискиот суд Скопје, кој ја одби како неоснована жалбата на Груевски, а делумно ја прифати жалбата на Поповски и му ја намали казната затвор на четири години и шест месеци. Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.
Ново на Сител
-

ОЈО Скопје отвори истрага за насилството врз гинекологот во поликлиниката „Букурешт“
-

Тема на денот со Ведрит Ибушоски, претседател на Здружение на радиолошки технолози на Македонија
-

Презентирани над 200 докази во случајот со Груби за злоупотреби во Државната лотарија
-

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на Левица за платено политичко рекламирање, Левица обвинува за партизација на Судот
-

Судски совет: Се работи на расчистување на состојбите во Основниот суд Куманово
-

Амбасадорите за Норвешка, Бугарија, Шведска и Романија ги претставија дипломатските платформи во Парламентот
-

Од денеска Хрватска ќе издава визи за камионџиите
-

Клековски: Имаме ситуации со луѓе кои се на боледување, а на Инстаграм се сликаат на одмор во Италија

