Македонија
29. May 2024 - 16:39

На Кацарска и завршува мандатот - Кој ќе ја наследи?

Кацарска си ги пакува куферите оти во недела и завршува функцијата претседателка на Уставен, па се сели кај нејзините колеги уставни судии. Со години трпела закани, ама сега се решила да ги пријави оти зачестиле. 

„Видете, ова се закани кои ги пријавив, но јас трпам закани неколку години наназад. Нема недела да помине, а да не трпам некоја закана. Имав физички напад, бев физички нападната но никогаш претходно не пријавував“

И по Устав и по протокол, Кацарска припаѓаше во првите луѓе во државата. Мандатот и истекува на 2.јуни, а од нејзниот наследник очекувала да продолжи таму каде застанала.

Мандатот на претседателот на Уставен трае три години, без право на реизбор. Кацарска оцени дека судот работел домаќинско. Се пофали дека нејзината службена платежна картичка остана неискористена. Штедела и на службени патувања.

Кој ќе седне во удобната претседателска фотелја, ќе се знае утре. Во трката се 8 уставни судии. Новиот прв човек на Уставен се бира со двотретинско мнозинство од судиите на седница, со тајно гласање. Секој од нив може да предложи кандидат за претседател. 

Советничката на Венко Филипче во Ковид кризата, Тања Васиќ Бозаџиева, и професорката на Правниот факултет ,,Јустинијан Први'', Ана Павловска Данева, се можни кандидатки за претседателки на Уставен. Во игра се и Јадранка Дабовиќ и Елизабета Дуковска, кои ја докомплетираат женската лоза во Уставен. 

Сепак, новиот претседател е невозможно да биде избран и без поддршката на мажите во судот Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер.

Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.