Македонија
28. January 2018 - 16:45

На Цареви Кули пронајдена мермерна плоча со старословенско кирилско писмо

Струмица бил еден од најзначајните средновековни, духовни и книжевно- културни  терени во Македонија. Потврда за тоа дава и ексклузивниот наод откриен во средновековната црква во подножјето на локалитетот Цареви Кули. Се работи за мермерна плоча пишувана на староцрковно словенски јазик со  кирилско писмо кое  датира од крајот на првата половина на 13 век. Според тимот кој работеше на расчитувањето на текстот меѓу кои и  д-р Виолета Крстеска од  институтот за старословенска култура , овој натпис спаѓа во групата најстари кирилски средновековни епиграфски споменици и е од исклучителна важност. Од тој период до денес во Македонија како најстари епиграфски кирилски текстови се познати само трите натписи,  Надгробната плоча на цар Самуил од 993 година, Варошкиот натпис од 996 и Битолскиот натпис од 1016/1017 година.   Струмичкиот кирилски надгробен натпис бил откриен со уште две други плочи во гробница лоцирана во самата средновековна црква.

- Можеме овој ексклузивен надгробен  натпис да го вброиме во групата на најзначајни стари надгробни словенски споменици. Натписот со својата историографска и палеографска старина и вредност е еден од културно историските и пишани споменици кои не упатуваат на констатацијата дека Струмица претставувала и била средновековно културен историски центар, вели м-р Душко Цветанов – археолог во Завод и музеј Струмица

Освен во Македонија ваквите натписи се многу ретки и на Балканот.

- Имајќи во предвид дека смата плоча е изработена во првата половина на 13 век, тоа укажува дека во тој полн среден век во Струмица несомено постоела и писмена школа, вели м-р Цветанов

Средновековната црква во која беше пронајден  ексклузивниот наод со старословенско кирилско писмо  беше откриена во 2015 година. Истата е датирана од крајот на 12 и првата половина на 13 век и била дел од урбаното јадро на средновековна Струмица.