Македонија
25. December 2023 - 16:38

На Брзата помош и треба итна помош

Вкупно 52 тимови од лекар, сестра и возач недостигаат во Службите за итна медицинска помош во земјава за да се задоволи законскиот минимум. Најалармантна е состојбата во Скопје каде за нормално функционирање “фалат” дури 18 екипи, во Тетово 10, а во Куманово и Струга по 5 тимови, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Од друга страна во Битола, Делчево, Кичево и Кочани има повеќе од минимум потребните. Во моментот во државата има вкупно 258 екипи за Брза помош.

- Поентата е овој број наместо да се зголемува, секоја година се намалува. Во однос на 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22, вели Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации.

Според податоците од истражувањето еден тим на итна помош некаде покрива 1000, а во некои градови и околу 40.000 жители. Во смена екипа има дури 50 интервенции, но ниту една од 33-те служби во државата не води евиденција колку повици за помош има од страна на граѓаните и на колку се оди.

- Ниту еден здравствен центар нема евиденција колку вкупно телефонски повици добива со барање за итна помош. Се знае само на колку повици одат. Оттука, не може да се дојде до можеби клучната бројка – на колку од повиците со барање за брза помош всушност доаѓа екипа, изјави Филков.

Истиот Центар пред “Кроната” преку истражување посочи дека во Македонија има само 183 функцуионални амбулантни возила со просечна старост од 11 години, наспроти 2645 автомобили со кои располагаат министерствата и општините или 15 вакви коли на едно комбе за Брза помош.