На 10 дена до стартот на учебната година битолските училишта без струја
285 милиони денари е вкупниот долг на битолските училишта, од кои 122,8 милиони денари е долг кон надворешни доверители, а околу 162 милиони денари кон општината. Ова беше истакнато денеска на брифингот со новинарите на градоначалничката Наташа Петровска и секретарот на општината, Слободан Најдовски. Тие истакнаа дека долгот постојано расте и заради затезните камати и зголемените трошоци за извршителите. Токму заради долговите, 9 училишта моментално се без струја, на само десет дена до почетокот на учебната година. Вкупниот долг кон ЕВН на битолските училишта изнесува 6,5 милиони денари, а неплатените сметки за струја се од април 2017 година. За ова денеска реагираа и од ВМРО ДПМНЕ.
- Дали е тоа иднината која ни ја ветувавте и дали целосното нарушување на образовниот процес е максимумот што можете да го направи за нас младите? После безмалку една година локална власт и две години централна вие само ни кажувате дека немате решение за проблемите. Градоначалничке од животот кој ни го нудевте мислам дека доволно видовме. Најдобро што можете да направите за нас младите е што поскоро да ја прекинете оваа фарса и да си поднесите неотповиклива оставка, ако сеуште во Вас и во вашите соработници постои грижа на совест, рече Марко Јосифовски, , УМС на ВМРО ДПМНЕ Битола.
Дел од битолските училишта го намалиле долгот, а СОУ „Таки Даскало“ успеа да ја плати и струјата.
-Од вкупно 18 основни и средни училишта во Општина Битола, 10 се со блокирани сметки од 2011, односно 2012 година. Овој долг, успеавме да го преполовиме, од 58 милиони денари, сега долгот изнесува 18.935.484 денари кон надворешни извршители и долг кон општината за незаконски правените цесии од 31.216.000 денари, изјави Елизабета Наумовска, директор на СОУ„ Таки Даскало“- Битола.
Од општината велат дека се бара законски начин како до почетокот на учебната година да се реши проблемот.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
