Бизнис
7. August 2018 - 19:36

МЗШВ ги искара земјоделците дека манипулирале со цената на пченицата

Жетвата заврши, пченицата е предадена, но производителите не се задоволни од цената по која е откупена. Пеце Шамбески од селото Радобор оваа година имаше 60 хектари со просечен принос од 4 тона пченица, предадена по откупна цена од 8 денари.

-Оваа година, сите веќе знаат и откупните места ја откупуваа пченицата на 8 денари. Така заврши и цела сезона. На оваа цена нема задоволство, ова е само да го смениш семето. Ние поголемите мора пак да сееме, јас имам и фарма со крави, така што ако не оди, ќе ја трошиме за кравите, вели ПЕЦЕ ШАМБЕСКИ, ПРОИЗВОДИТЕЛ НА ПЧЕНИЦА ОД СЕЛО РАДОБОР.

Производителите велат дека никој не плаќа од девет до 10,5 денари за килограм, како што соопшти Министерството за земјоделство.

-Она што беше лиферувано дека се откупува за 10,5 денари, не сакам да го коментирам. Земјоделците да кажат точно кој колку пари зел. Јас дадов околу 30.000 килограми пченица, цената е осум денари. Или, откако ќе се одбие трошокот за пренесување на пченицата до откупмната станица доаѓа некаде околу 7,60 денари, вели ВЕЉО ТАНТАРОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОЈУЗ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИ.

Сумата која ја посочуваат земјоделците од седум до 8,5 денари се однесува на пченица за сточна храна, а не на лебното зрно, посочи  денеска шефот на кабинетот на Министерството за земјоделство, Трајан Димковски. Тој рече дека има млинови кои ја откупуваат пченицата и по 11 денари, но за квалитетно зрно пченица, а таква цена не можеле да постигнат земјоделци со по пет хектари жито, туку оние со 300 – 500 хектари. Од министерството велат дека на квалитетно зрно отпаѓаат нешто под десет отсто од вкупниот годинашен принос. Димковски денеска потенцираше да не се манипулира со цената на пченицата, затоа што тоа влијае негативно врз откупот, а го користат и трговците.