МВР вклучи потрага, втор ден нема трага од исчезнатата Вања
Втор ден ниту трага ниту глас од 14 годишната Вања која исчезна на пат кон училиште. МВР спроведува потера по девојчето кое беше пријавено од нејзината мајка. Според описот на потерницата таа е висока 175цм, тешка околу 58кг, со темно кафеава коса, кафеави очи, носи протеза на забите и има бемка на десна страна од лицето. Граѓаните ќе ја препознаат по тоа што е е облечена во син блузон, со црни пантолони со странични џебови, бели најк патики со кафеави линии. Вања со себе носела школски ранец и мобилен телефон Ајфон.
По Вања трага полицијата но и голем број граѓани кои се организираа преку социјалните мрежи. Секоја објава се однесува на нејзино исчезнување а за оние кои немаат социјални мрежи, низ центарот на Скопје се залепени плакати со нејзиниот лик.
Во училиштето Песталоци каде учи Вања, денеска наставата е редовна иако родителите кои ги сретнавме како ги земаат децата од училиште беа видно вознемирени од настанот.
Од разговор со мајката на Вања, последниот сигнал кој е забележан од телефонот на исчезнатото девојче е лоциран на булеварот Партизански одреди спроти Универзалната сала. Полицијата извршила претрес на домот, се прегледува персоналниот компјутер на Вања и сите мрежи кои ги користела на интернет. Се земаат снимки од безбедносни камери на улиците, фирми, кафулиња.
Мајката постојано е со полицијата и се прават сите напори да се открие траг кој ќе укаже што се случило и каде може да биде нејзината ќерка.
До доцна во ноќта во полициската станица Беко, биле сослушувани родителите, роднини, па и дел од вработените во основното училиште. Од наши извори дознаваме, дека разговори се вршат и со другарки и другари на Вања за да се дознае информација повеќе. Вања Ѓорчевска излегла вчера од дома во 7ч20 минути а последен пат е видена во Дебар маало, на пат кон училиште. Мајката ја пријавила за исчезната во 8-30, откако добила повик од класната дека ученичката не се појавила на час. Ова било пракса во одделението, секој родител бил должен да извести предвреме доколку неговото дете ќе отсуствува од настава. Токму тоа било аларм за мајката на Вања веднаш да пријави, бидејќи телефонот и бил исклучен.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар