Македонија
16. August 2024 - 16:36

МВР или Судот? Кој е виновен за бегството Блерим Рамадани

 МВР или судот? Кој е виновен за бегството на Блерим Рамадани кој чекаше да биде екстрадиран во Србија поради обвинение за воени злосторства во регионот на Неродиме.

Не престануваат партистиските обвинувања за војникот на ОВК кој веќе е на Косово. За опозицијата виновно е Министерството за внатрешни, за власта виновни се судиите.

СДСМ обвинува дека Рамадани намерно бил пуштен за да може да избега. Партијата бара и оставка од министерот Тошковски.

- Додека Тошковски и МВР се обидуваат несмасно да спинуваат дека судот е крив за бегството на Блерим Рамадани, тој веќе е на Косово. Има ли поголем доказ дека тој е намерно пуштен од МВР и Тошковски, што само за еден ден по бегството човекот е удобно дома па уште стигаат јасни пораки од Косово дека е таму? Кого се обидуваат да залажат институциите дека ова не е целосно сценарио за ослободување реализиран од МВР? Кој ќе сноси одговорност за бегството на човек баран со меѓународна потерница?, велат од СДСМ.

Премиерот е дециден, виновен за бегството на Рамадани е судијата Пајазит Пајазити кој одлучи Рамадани да оди во куќен притвор. За него вели дека и претходно носел контроверзни одлуки, како таа за насилниците кои упаднаа во „М-НАВ“.

Сепак, предупредува да не дозволиме соседните држави преку нас да ги водат нивните битки.

-Да не дозволиме нашите соседи да ја користат нашата држава како прокси во покажување меѓусебни мускули. Јасна е судската пракса, дали нас ни се допаѓа или не, тоа е друга тема. Но, во 2019 година Врховниот суд има донесено одлука со која тогашното лице коешто е заробено како резултат на меѓународна потерница од Србија во екстрадиционен притвор е ослободено. Зошто овој судија прави ваква судска гимнастика и инженеринг, тоа е веќе е друга анализа и јас нема да го коментирам. Има една друга институција која се уште е важечка. Се вика Судски совет, вели Мицкоски. 

На истата одлука од Врховниот суд со која на 7 август 2019 година судот одлучил дека не се исполнети законски претпоставки за екстрадиција на Томор Морина кој исто така се бараше по меѓународна потерница од Србија, се повика и вицепремиерот Иџет Мемети. Но тој оди и чекор подалеку, велејќи дека потерниците од Белград не треба да се гледаат со сериозност.

-Тоа е веќе трета одлука. Имаше и за Дуголи во минатото, и за Морина и веќе тоа станува судска пракса и мислам дека таа судска пракса треба да не насочи како држава да делуваме како и сите други европски држави. За овој случај, за овој период Србија дава неточни информации и мислам не треба да се сфатат сериозно во иднина, вели Мемети.

ДУИ, пак, бегството на Рамадани го оцени како пропаднат план на српскиот претседател Вучиќ. Нивниот допис е фокусиран за критики кон ВРЕДИ кои, според интегративците, ги понижуваат Албанците.

Демократската унија за интеграција оценува дека пропаднал планот на Вучиќ и моноетничката влада за екстрадиција на поранешниот војник на ОВК Блерим Рамадани од Косово, кој е прогонуван по налог на српската влада, а беше уапсен во Скопје.  Меџити и Таравари, губитниците на изборите и омилени вазали на ВМРО, се пофалија дека го ослободиле Блерим Рамадани, измамувајќи ја албанската јавност.  Мицковски вчера потврди дека Меџити и Таравари не отвориле ни уста во владата за Блерим Рамадани велејќи дека не слушнал дека се пофалиле јавно за неговото „ослободување“, велат од ДУИ.

Поранешниот припадник на ОВК беше уапсен минатиот месец по потерница од Интерпол на барање на Србија. По 15 дена поминати во екстрадиционен притвор, Кривичен ја преиначи одлуката и го прати во куќен притвор на адреса во Скопје на која требаше да остане до 16 август. Два дена пред истекување на рокот Рамадани побегна и веќе е на Косово.