МВР и УЈП со апел до граѓаните да не подлегнуваат на лажни пораки и покани за сведочење
Ве информираме дека сте предмет на тековни правни постапки за сајберпорнографија, порнографски сајтови и детска порнографија. Одговорете во следните 48 часа – лажни електронски пораки со ваква содржина веќе четири дена се испраќаат во име на МВР и УЈП. Претставувајќи се во име на министерот Спасовски и Европол, испраќачот бара граѓаните да испратат лични податоци преку вибер линк и објаснување за наводните сторени дела, во спротивно ќе бидат уапсени. Од МВР потенцираат дека испраѓачите го злоупотребуваат и потписот на Спасовски и го користат логото на полицијата, затоа апелираат граѓаните да не наседнуваат на ваквиот обид за измама и да не ги отвораат линковите кои се споделуваат во пораките.
Првата порака во име на МВР била испратена минатата недела, а одделот за компјутерски криминал ги детекрира ваквите пораки и работи на расчистување, велат од полицијата.
Според МВР ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.
Пораки со слична содржина се испраќаат и во име на УЈП. Оттаму реагираат непознат испраќач користејќи го логото на УЈП, преку СМС пораки се обидел да наведе граѓани да споделуваат лични и податоци од дебитни и кредитни картички.
Управата за јавни приходи ги информира граѓаните дека вчера и денеска, непознат испраќач користејќи го логото на УЈП, преку СМС пораки се обидел да наведе граѓани да споделуваат лични и податоци од дебитни и кредитни картички. Пораките се испраќани од телефонскиот број +38979212628 со следната содржина ,, Извршете ја задолжителната пријава на УЈП https://ujp.mk/verifikacija. Овој линк е лажен и не води кон електронска адреса на Управата за јавни приходи.
Од УЈП апелираат граѓаните кои веќе го отвориле линкот да не ги пополнуваат полињата во кои се бараат лични податоци, бидејќи истите можат да бидат злоупотребени.
Ваквите пораки испратени во име на институции следуваат откако повеќе од пет месеци непознати сторители испраќаат заканувачки пораки до јавни институции, училишта, трговски центри дека во објектите има поставено бомби. Од полицијата велат дека Македонија е дел од хибридна војна, во која се вклучени земјите од регионот.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар