Музичари кои се вратиле од Австрија се единствените изолирани на Пепелиште, по реакциите ќе добијат ново сместување
Деветмина музичари од кои двајца од Струмица и седум од Битола од синоќа се во групен карантин во центарот за обука - Пепелиште. Таму тие беа сместени откако пристигнаа од Австрија каде имале едно гостување, а вториот настап им бил откажан поради актуелната состојба со корона вирусот. Музичарите со комби возило за Австрија заминале на 4 март, а минатиот викенд тргнале назад кон Македонија. Во Пепелиште биле однесени после контролата и неопходните проверки кои синоќа по пристигнувањето им биле направени на влез во државата. По сместувањето во објектот тие се огласија со видео преку социјалните мрежи во кое се пожалија на условите каде се сместени.
Сител денеска ги контактираше музичарите. Информираа дека се чувствуваат добро , но повторно се пожалија на условите. Не се противат на изолацијата бидејќи веќе потпишале и изјави за тоа. Велат, свесни се за ризикот и не сакаат да ги стават во опасност ниту нивните семејства ниту било кој од граѓаните. Единствено што бараат се пристојни услови. Во текот на денот им бил направен уште еден лекарски преглед и земени примероци за тестирање.
Од министерството за одбрана информираа дека лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак, ќе бидат преместени на нова локација. Од таму информираа дека Центарот за обука во Пепелиште бил само привремен простор каде требало да се извршат епидемиолошките прегледи согласно медицинскиот протокол. По завршувањето на прегледите од страна на тимот на министерството за здравство лицата ќе биле преместени во реновираниот Завод во Демир Капија.
-
Зоран ѓеогиев
Сите содржини од овој новинар
