Македонија
11. August 2019 - 17:21

Муслиманите го слават Курбан Бајрам - честит празник

Верниците од муслиманска вероисповед денеска го слават Курбан Бајрам.

Првиот ден од празникот почнува со утринска молитва Бајрам-намаз. Верниците со таа молитва бараат милост од Алах.

Курбан Бајрам трае седум дена, а прославата почнува на 70 дена од првиот Бајрам во годината.

Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот, кој е доказ за солидарност и благосостојба.

Честитки по повод празникот испратија државниот врв, но и опозицијата.

Претседателот Пендаровски посака муслиманите да го минат во здравје, благосостојба и хармонија помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и безусловна љубов.

– Дозволете да ја искористам оваа можност да Ве повикам и понатаму посветено да работиме на разбирањето и меѓусебното почитување без разлика на верска, етничка или која било друга припадност. Верувам дека со заеднички усилби конечно ќе изградиме едно општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и слободен, се наведува во честитката на Пендаровски.

Премиерот Заев, пак, посака среќни и спокојни празнични денови.

– Курбан Бајрам е празникот на солидарноста, хуманоста, грижата кон другите, единството и еднаквоста. Ова се вредностите кои треба да бидат наша заедничка водилка во градењето едно општество за сите. Да ги негуваме овие вредности како наш заеднички влог во просперитетна иднина. Возвишениот, благороден сјај на овој празник нека зрачи во домовите на сите верници. Честит празник, истакнува во честитката премиерот Заев.

Опозицискиот лидер Мицкоски посочува дека Курбан Бајрам ги истакнува меѓусебното почитување и разбирање и не обединува во стремежот за градење на заеднички живот и просперитет на државата.

- Република Македонија има вековна традиција на соживот, толеранција и помагање помеѓу различните верски групи. Тоа се вредностите кои ние мора да им ги пренесеме и оставиме на идните генерации, бидејќи само така ќе продолжиме да градиме благосостојба,  но и напредок во нашето општество. неопходно е да се почитуваме и помагаме,  и заеднички и обединети да упатиме порака дека потребно е создавање на праведна држава која подеднакво ќе ги почитува своите граѓани и ќе креира можности за напредок за доброто на нас и на нашите идни генерации, се вели во честитката.

Над 800 муслимани од Македонија во моментот престојуваат на аџилак во Мека. Се проценува дека во Мека има околу 2 милиони верници од светот.