Мухиќ: Хан нема право да дели лекции
Изјавата на Хан на сметка на претседателот Иванов е арогантна. Никој не може да дели лекции на претседатели на држави без разлика кој е нивниот став. Пратеникот на владејачкото мнозинство Ферид Мухиќ побара од своите коелги пратеници поддршка за протест против сите оние од надвор кои се мешаат во внатрешните работи на државата.
„Иритиран сум од вчерашната арогантна изјава на Јоханес Хан на сметка на претседателот на една самостојна, суверена држава Република Македонија. Не може да дели лекции никој на претседатели на држави без оглед каков е ставот. Тоа е суверено право на институциите и граѓаните на таа држава и вакво непримерено делење лекции јавно го покажува неговиот став кон Македонија, со оваа изјава покажа минимум почитување односно никакво почитување и мислам дека мораме да се залагаме за достоинството. Ако треба ќе бидеме ние најголеми критичари на секој наш претставник, но апсолутно не смееме да допуштиме нерушување на нашето достоинство и суверенитет, изјави Ферид Мухиќ.
Договорот меѓу Заев и Ципрас за Република Северна Македонија ја подгреа атмосферата и во собраниската сала. Денеска тешко се постигнуваше кворум, на што остро реагираше собранискиот спикер Талат Џафери. Тој најави дека од сега јавно на говорница ќе ги чита сите пратеници кои се потпишале за присутни, а не влегуваат во собраниската сала.
Опозицијата пак, го искористи моментот да каже дека оваа власт се однесува неодговорно и дека се работи за нелегитимна власт.
Парламентот е една од клучните институции во која ќе треба да се ратификува спогодбата и да се изгласаат уставните измени согласно договореното.
Тоа нема да оди така лесно имајќи ги пред вид ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Антонијо Милошоски ја води и матичната комисија за надворешни работи, а лидерот на партијата Мицкоски најави дека ќе се искористат сите правни средства за да се спртечи договорот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
