Муцунски за „Политико“: Нема уставни измени, ако не добиеме цврсти гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последното барање од Софија

Скопје во моментов не е подготвено да ги направи уставните измени што ги бара Софија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање, нагласува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во интервју за политичкиот магазин „Политико“, дадено за време на неговата посета на Брисел.
- Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?, истакна Муцунски, осврнувајќи се на процесот на европска интеграција на земјава.
Тој нагласи дека Северна Македонија е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството.
- Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска, вели Муцунски. министерот.
Во интервјуто тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан.
- Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција, изјави Муцунски.
Тој потсети дека Северна Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство.
Шефот на дипломатијата изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно.
- Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но, Северна Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион, истакна Муцунски.
Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски во интервјуто за „Политико“ зборува и за поддршката што Северна Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочува и дека Северна Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.
МИА
Ново на Сител
-

Осумдесет и еден вработен во РЕК Битола со стомачни проблеми побарале лекарска помош, можно труење со храна
-

Во Србија приведен македонски камионџија кој усмртил пешак кај Грделица, а потоа избегал од местото на несреќата
-

Судење „Пулс“: Во општинскиот регистар дискотеката не постоела, уплатите за лиценца ги вршеле „Класик ДМ“ и „ММММ“
-

Уапсени седум лица за семејно насилство во последното деноноќие
-

МЕРМС: На 29 март 2026 започнува летното сметање на времето
-

Мицкоски: Во реализација се 17 странски инвестиции што треба да креираат 5.000 работни места
-

Земјотрес од 2,7 Рихтерови степени во Скопје
-

Во мај или јуни ќе се разговара за можни кадровски промени во Владата, најави Мицкоски
