Муцунски уверува дека Македонија е се поблиску до ЕУ, од Брисел пораки дека земјава нема никаков напредок
Македонија е поблиску до Европската Унија, отколку претходно. Како аргумент за ваквиот наратив, министерот за надворешни работи посочува позитивните оценки на белгискиот министер за европски прашања, кој при посетата во Македонија даде пофалби за реформаската агенда.
Муцунски признава дека билатералниот спор со Бугарија останува клучна пречка, но остава простор за нов дипломатски дијалог по формирањето на влада во Софија. Сепак, порачува дека без јасни гаранции за отсуство на нови условувања, прашањето за уставните измени нема да биде ставено на маса.
Додека министерот го презентираше извештајот за сработеното во изминатите две години, нагласувајќи напредок во односите со ЕУ и САД, од Брисел пристигнуваат значително порезервирани пораки. Македонија изминатава година нема никаков напредок и спроведени реформи, изјави известувачот за нашата земја Томас Вајц, во инревју за Еуроњуз Бугарија.
Дури траат дебатите и денеска во Собранието, но и на меѓународно ниво дали треба да се внесуваат Бугарите во Уставот, со или без гаранции, од ДУИ започнаа иницијатива за собирање на потписи да се направат уставните промени, без кои велат, граѓаните се држат во заложништо.
Во Бугарија пак, претседателката Јотова објави дека во четврток ќе се одржи првото заседание на новиот состав на Народното собрание со што ќе почне процедурата за формирање на новата Влада. Убедливо мнозинство на изборите со 131 пратеник освои коалицијата на Румен Радев.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
