Македонија
23. July 2018 - 16:19

Можност за средба Заев - Ципрас

Заев и Ципрас вечерва во Мостар ќе имаат нова можност за средба и разговори за имплементирање на договорот од Преспа.

Двајцата премиери ќе учествуваат на квадрилатерална средба во босанскиот град во организација на Центарот за мир и мултиетничка соработка.

Според грчката државна агенција АНА-МПА, Ципрас ќе биде награден од Центарот, за неговиот придонес во задржувањето на мирот на Балканот.

Двајцата премиери, придружувани од домаќинот, босанскиот премиер Денис Звиздиќ и црногорскиот колега ќе одржат квадрилатерална средба, по што ќе прошетаат по стариот мостарски мост.

,,Потоа, Алексис Ципрас и Зоран Заев ќе ја потпишат повелбата за мир и ќе бидат наградени од претседателот на Советот на министри, Денис Звиздиќ‘‘, наведува агенцијата.

Иако официјалната најава за Ципрас е дека ќе престојува во Мостар за да прими награда, дел од грчките медиуми, средбата и наградата ја поврзуваат со Договорот од Преспа.

Во меѓувреме, ,,Катимерини‘‘ објавува нови детали околу руското мешање во Северна Грција додека се чека одговорот од Москва за протерувањето на руските дипломати.

Весникот пишува дека дипломатите не само што се обиделе да поткупат претставници на црквата и на локалните власти за да го поткопаат договорот за името, туку се обиделе и да се инфилтрираат во грчката разузнавачка служба и во вооружените сили на земјата. Владини извори за весникот велат дека обидите на Русија да го прошири своето влијание во северна Грција и да го минира договор од Преспа, почнале пред одредено време и вклучувале учеството на етнички Грк, кој се преселил во земјата по распадот на Советскиот Сојуз.

Британски Сандеј Тајмс, пак, тврди дека имал увид во документи на македонската контраразузнавачка служба, од кои е јасно дека десетици македонски политичари, радикални националисти и фудбалски хулигани биле платени со руски пари за да предизвикаат немири против договорот за името, пред пристапувањето на Македонија во НАТО.

,,Ова е јасен и непогрешив доказ за провоцирање хаос и запирање на НАТО во неговите планови‘‘, изјавил за весникот разузнавачки извор.