Македонија
7. January 2020 - 16:35

Можни ли се нови предизборни коалиции?

Со мали шанси за нови предизборни коалиции и речи си никакви за нова политичка опција и овие избори најавуваат куси гласачки ливчиња. Желбата на лидерот на ДПА, Мендух Тачи да стокми предизборна коалиција со СДСМ која ќе му гарантира дека ќе биде единствен вицепремиер, на Бихаќка не ја гледаат сериозно коментирајќи ја како позиционирање пред изборите на партијата која веќе неколку изборни циклуси не е сериозна конкуренција за владејaчката ДУИ.
Од СДСМ велат дека се подготвени за разговори со сите освен со коалициониот партнер од Мала Речеица бидејќи интегративците традиционално, на избори одат сами.

Она што е сигурно за СДСМ се традиоцнионалните сателит партии кои околу нив орбитираат на секој изборен циклус иако во ВМРО-ДПМНЕ не кријат дека со дел од нив се водат преговори кои можат да донесат ситни прегрупирања на македонската партиска сцена.

Ако ги прашате за предизборна коалиција со некоја од албанските партии, во ВМРО-ДПМНЕ секогаш го даваат одговорот дека разговараат со сите субјекти и дека се отворени за соработка со секого, иако оние кои добро ги познаваат состојбите велат дека шансите за предизборна коалиција со албански политички партии се речи си никакви.

Во вакви услови, најреална се чини можноста за коалиција во албанскиот опозициски блок каде Алијансата и БЕСА веќе имаат такво искуство.

За по изборите во сите политички партии велат дека ќе бидат на власт иако не планираат широка коалиција. Сепак сите признаваат дека желбите се ограничени со изборните резултати и од нив ќе зависи кој прв ќе дојде до 61 столче во законодавниот дом.

Ахмети веќе најави дека очекува победникот во македонскиот политички блок да го почитува мајскиот договор кој тој не го почитуваше на последните парламентарни избори и да влезе во коалиција со победникот кај етничките Албанци. Во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се отворени за секакви коалиции кои како што велат ќе бидат во согласност со нивните програмски определби, а таков е ставот и кај албанската опозиција.

И по овие избори собраниските врати веројатно ќе останат затворени за партиите кои ќе останат надвор од големите коалиции. Таму учество најавува крајно десничарската Единствена Македонија но и левичарите од Левица доколку до тогаш успеат да соберат потписи за да ја пререгистрираат партијата.
Искуствата од претходните изборни циклуси велат дека нивните шанси за пратеничко столче се сведени на минимум.