Мостот кај Ќерамидница сè уште не води никаде – не се знае кога ќе ги поврзе Гази Баба со Аеродром
Изграден за да го забрза сообраќајното поврзување меѓу Аеродром и Автокоманда, мостот Михајло Апостолски се уште останува сообраќајно решение кое не води никаде.
Го изгради претходниот градоначалник Петре Шилегов, а Данела Арсовска требаше да ја заврши експропријацијата и да изгради булевар кој ќе води до Ист Гејт.
Првично рече дека овој мост ќе им служи само на рибарите, но потоа даде ветување дека ќе го заврши проектот на својот претходник.
-Тендерирањето на последната фаза, во делот кај Ќерамидница, тоа е она што досега не било почнато како постапка да се работи, ќе се спроведе до крајот на оваа година и тоа веднаш по разрешувањето на сите овие проблеми со експропријациите коишто беа наследени, а коишто, доколку имало соодветно планирање немало ни да се почнат и да бидат во ваква фаза и граѓаните овде да живеат вака како што живеат во овој момент, рече градоначалничката Арсовска во мај минатата година.
Година и половина подоцна – сликата е речиси иста. Мостот се уште води во дворови и куќи, а Град Скопје е далеку од завршување на процесот за експропријација.
Бетонските блокови се поставени за да ги спречат возилата да го поминуваат мостот Михајло Апостолски. Овој прелаз е единственото место коешто граѓаните го користат за пешки или со велосипед или моторче да поминат од другата страна на Вардар, кон Аеродром.
Поминавме неколку дена во Ќерамидница и разгоравме со повеќе локални жители чии имоти се опфатени во проектот и треба да бидат срушени за да се изгради булеварот.
Голем дел од нив не сакаа да говорат јавно бидејќи случаите им се во судска постапка, но велат дека не се задоволни со парите кои Град Скопје ги нуди.
Перо Андев првата понуда ја добил во 2019 година. Град Скопје тогаш му понудил 350 евра за квадрат за неговите две куќи со вкупна површина од 104 квадрати. Не се согласил и барал размена – квадрат за квадрат. По промената на градската администрација добил нова понуда, но не знае дали е направена нова проценка.
-Во меѓувреме становите од 800-900 евра дојдоа до 1.500 евра, а понудата од 350 дојде до 520 евра. Па удрете која е разликата, вели Андев.
Со ваква понуда тој стравува за иднината на своето семејство.
-104 квадрати куќа имам. Со 520 евра не можат да земам ниту 55.000 евра. Во оваа куќа живееме две фамилии. Сега, едната ќе живее во стан, или гарсоњера, бидејќи толку има пари со таа понуда што ја даваат. Другата фамилија треба да бидат бездоници, вели Андев.
Андев вели дека ваква понуда не прифаќа и од градот ќе бара најмалку 1.000 евра за квадратен метар за неговото семејство да има кров над главата.
-Само што тоа тие не го земаат во обѕир. Еве сега рекоа дека следен пат ќе ме повикаат уште еднаш за да ми достават решение. Ако не се согласам ќе ме дадат на суд, вели Андев.
Од Град Скопје велат дека предлозите се изработуваат согласно Законот за експропријација.
-Во постапката секоја институција е обврзана да ангажира овластен проценител кој врз основа на законски утврдена Методологија за процена на пазарна вредност на недвижност ја формира проценетата цена. Методологијата за проценка на пазарната вредност ја утврдува централната власт и сè додека не се смени истата, независните проценители за експропријации предлозите ги изготвуваат врз таа основа, се вели во единствениот одговор кој го добивме од Град Скопје.
Согласно Законот, проценка се врши според пазарните цени. Репер за тоа се трансакциите кои се направени годината претходно во одредено населено место.
-Ако нема трансакции на тоа подрачје кадешто се врши процената потребно е да се земе одредена друга локација, најблиска локација која има слични или исти карактеристики за проценување, вели проценувачот Антонио Георгиев.
Во изминатиот период цените на недвижностите скокнаа драстично, а растот во понудите на Град Скопје не е ни приближно до растот на пазарните цени.
-Согласно Закон за процена, процената важи една година. Тоа значи дека вредноста во таа година би требало да се движи во тие рамки. Свесни сме дека градежните материјали во последниот период се покачија значајно и има значајно покачување на недвижниот имот и на недвожнистите на територија на Република Македонија и во регионот. Тоа значи дека претходно вршени процени во моментот, ако е поминато година дена, тие веќе немаат важност, вели проценувачот Георгиев.
Поради тоа што последните години пазарот на недвижности покажа дека може да има големи промени, можни се и разлики помеѓу реалната и проценетата вредност.
-Разликата која може да се појави може да биде 10 до 15, максимум 20% согласно сите промени што се случуваат на пазарот.
Јасно е дека Град Скопје пред себе има уште многу работа за да почне да го гради булеварот кој ќе ги поврзе Аеродром и Гази Баба. Колку време ќе му биде потребно на Градот за да го заврши овој проект, и колку пари тоа ќе ги чини скопјани никој не знае.
Побаравме градоначалничката, но и раководителот на Секторот за планирање во камера да објаснат до каде е целиот процес и кои се плановите на Градот, но не добивме ниту писмен одговор.
Наши извори од Град Скопје велат дека остануваат уште 90 нерешени случаи за експропријација. 10 од нив се повикани на разговор, а 80 остануваат нечепнати. Во потрага по одговори од градските советници дознавме и дека раководителите на секторите имаат забрана да комуницираат со нив, па ниту тие не можат да добијат информации за плановите на Арсовска.
Од теренската проверка добивам впечаток дека Ќерамидница не е заборавена од градската администрација, но работите се одвиваат многу бавно. Останува и нејасно кога мостот Михајло Апостолски целосно ќе ги поврзе Аеродром и Гази Баба и колку пари ќе чини целиот проект.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар