Македонија
20. јуни 2023 - 16:29

Мостот Беласица ќе остане затворен цело лето?

Нема надеж дека мостот Беласица ќе биде пуштен во сообраќај ова лето, вели за Сител директорот на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени. Рано е да се зборува за отворање, оти ќе бидат потребни уште неколку месеци само за истражување на теренот. 

До крајот на летото е оптимистичко време до кога би можеле сите тие операции за истражување да се завршат. За пуштање не верувам. Истрагите ќе покажат колкав е дефектот и оштетувањето. Да се предложи, да се направи проект за зајакнување, а тоа исто така е процес кој ќе трае неколку месеци“ – Грозде Алексовски, ИЗИКП

Првиот човек на тимот кој ја прави експертизата рече дека користеле дрон за да се испитаат каблите за преднапрегање. Снимки имале само странично поради жиците кај цевките за парно. Според Алексовски, сомнително е што на овој начин ќе се испитува силата што останала во каблите, бидејќи освен дрон, постојат и други начини.

Да се пристапи и да се измерат овие фреквенции на каблите со посебни инструменти коишто ги немаме за жал во нашава држава, а ако институтот којшто е ангажиран ги набавил нека го кажат тоа во своите анализи, па ние како стручна јавност ќе се изјасниме. “ - Грозде Алексовски, ИЗИКП

Сепак, за да почнат какви било активности на мостот, најпрво треба да се извадат цевките. ЕСМ ги прашавме кога ќе почне отстранувањето и колку време ќе трае тој процес, но наместо конкретен одговор, добивме идентично соопштение како вчерашното:

Во тек се подготвителните активности за отстранување на опожарениот топловод на мостот “Беласица” и ЕСМ Дистрибуција на топлина вложува максимални напори демонтажата да се заврши во најкраток можен рок.“

Откако Арсовска во гостување на Сител рече дека мостот ќе биде пуштен неделава, од Град Скопје денеска не сакаа да ги коментираат изјавите на експертите. Велат ќе го чекаме извештајот.

Се уште не се знае ниту кој го запали мостот. Обвинителството отвори предмет, но сторителите засега не се фатени.