Македонија
29. јуни 2023 - 16:32

Мостот Беласица ќе биде затворен најрано до есен, вели Гаревски

Извештајот за Беласица е готов и предаден во Град Скопје. Првиот човек на тимот кој ја правеше експертизата вели дека оштетувањата се мали и ќе треба лесна санација, но кочница се цевките за парно.

Од ЕСМ на денешните прашања: кога ќе почне отстранувањето на цевките и колку време ќе трае процесот, ни пратија одговор стар 10 дена – дека во тек се подготвителните активности.

Според Гаревски, ќе биде потребен месец и половина само за да се тргнат цевките, и тоа под услов да почнат утре, па дури потоа да почне санацијата.

„Ќе бидат потребни најмалку 3 до 4 месеци додека целиот мост не биде саниран. Задачата ми беше да ја направам оваа експертиза и да го класифицирам оштетувањето на мостот, но јас сакам да помогнам и сакам да се вклучам. Еве на некој начин сугерирав една фирма кој има машини за трокретирање на бетон. Добро ќе биде ако на почетокот или средината на септември може да се вози по мостот“ – Михаил Гаревски, Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени

Мостот Беласица денеска требаше да биде и главна тема во градското собрание, но Арсовска не дојде. 15 минути пред да почне седницата испратила допис во кој вели дека не и одговарал терминот и дека нема да се појави.

„Датумот за советнички прашања беше навестен пред еден месец, а поканата беше испратена на 15 јуни. Значи имало доволно време за приспособување на календарот и нема никаква оправданост за отсуство.“ – Трајко Славески, претседател на совет

По ова следеше бурна реакција од советниците. Од ВМРО-ДПМНЕ прашаа каде е отидена и зошто не е присутна?

„Данела Арсовска, скопјани те прашуваат каде си во моментов и што е поважно од градот Скопје и од скопјани? На Арсовска и е поважно да шета некаде низ светов за лични интереси за коишто, исто така, ќе треба да даде отчет, што имаат скопјани од секое патување? За што се трошат парите на скопјани? За патувањата на Арсовска и екипата околу нејзе?“ – Марија Андоновска, ВМРО-ДПМНЕ

Советниците од СДСМ, пак, лути ја напуштија салата.

„Градоначалничка, колку сте чесна, одговорна и принцпиелна кога на седница не навредувате, не одговарате на советнички прашања и не присуствувате на седниците за советнички прашања? Одговорот не до мене, упатете го до граѓаните. Ќе ве молам една минута пауза само да си ги собереме работите и да заминеме...“ – Љубица Јанчева, СДСМ

Од Градот не одговорија на нашите прашања каде е градоначалничката и зошто не беше присутна на седница. Арсовска не дојде и на минатите советнички прашања.