МОН потсетува: Без редовен вакцинален картон за учениците нема упис во школо
Ако до 31 август родителите не достават потврда дека детето ги има примено сите вакцини нема да биде запишано во училиште. Вакво потсетување до родителите испраќаат основните училишта на десетина дена до стартот на учебната година иако во мај на идните првачиња им биле примени документите.
Од Министерството за образование остануваат на ставот согласно одлуката на Владата без уреден вакцинален статус да нема уписи. Засега немаат точна бројка колку невакцинирани првачиња не се запишани во училиште.
-Прецизни податоци за бројот на поднесени документи и запишани ученици во училиштата ќе имаме во следните неколку денови, откако сите општини ќе достават детални извештаи по однос на ова прашање, по што ќе бидат познати и следните чекори, односно мерки кои ќе ги преземеме во координација со останатите надлежни институции, велат од МОН.
Според податоците од Институтот за јавно здравје иако од почетокот на епидемијата на мали сипаници вакцинирани се над 35.000 лица до 14 години, сепак МРП немаат примено уште 8.600 деца, поголем дел се ученици.
Од министерството за здравство велат дека ДСЗИ од септември не само на првачињата, ќе го проверува вакциналниот статус на сите ученици. За да продолжат со настава мора да бидат вакцинирани.
Во меѓувреме неизвесено е дали новата учебна година ќе почне навреме бидејки СОНК и даде една недела рок на Владата да им ги прифати барањата за поголема плата, во спротивно просветните работници на 2 септември ќе излезат на предупредувачки штрајк.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар