Loading Video...
Македонија
23. December 2020 - 19:47

МОН ја презентираше новата образовна концепција

Во наредните 5 години треба целосно да се имплементира новиот концепт во основно образование. Ќе почне од септември со учениците во прво и шесто одделение. 9 задолжителни предмети, меѓу кои новите општествени и природни науки кои ќе треба тематски, поврзано да се предаваат, а наставниците самите ќе ја селектираат содржината. Нови учебници ќе има, бидејќи тие и онака требало да се ревидираат вели Царовска, но тоа е следна фаза.

„Со интегрираните предмети се спојуваат темите, и во исто време, наставниците по биологија, хемија и физика ќе предаваат една тема. На пример, кога ќе се учи за екологија и животна средина. На биологија ќе се учи за влијание на човекот врз природата и одржлив развој, на хемија за загадување, а на физика за обновливи извори на енергија. Се разбира дека ќе бидат потребни нови учебници. Нам и сега ни требаат нови учебници, а не пак со нов концепт на образование. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието. Во буџетот на државата има пари за нови учебници. Наставните материјали ќе ги изработуваат најискусните наставници и најискусните професори. Обемот на содржините во секој наставен предмет – што, и во која мера ќе се учи, ќе го утврди тимот за изработка на наставни програми“, вели Царовска.

На учениците ќе им биде оставен избор за втор странски или албански јазик, како и други два изборни предмети кои ќе бидат селектирани според интересите на учениците. Според новиот концепт учениците до 5 одделение задолжително ќе поминуваат по 5 часа во училиште, а  поголемите по 6 часа. Според МОН тоа не значи дека сите часови ќе бидат наменети за предавања.

Според истражувањето кое го спровело МОН 84 проценти од анкетираните наставници биле согласни за реформи. Учениците заостанувале со знаењата зад нивните врсници од другите земји што било причина за да се менува концептот. Истражувањата покажале дека само 40 проценти од учениците во второ одделение читале со разбирање, за разлика од нив во светот 80 проценти од второодделенците разбирале.