Македонија
9. July 2024 - 17:08

МОН го запре конкурсот за издавање учебници, отвори повик за сугестии за нови наставни програми

Жешко лето ќе имаат вработените во МОН. Концепцијата стопирана, прекинат конкурсот за учебници. Од септември 7,8,9 одделенците ќе учат по стара програма. Историја, географија, биологија, хемија и физика остануваат како засебни предмети. Ќе се поделат старите учебници, за оние кои ќе недостасуваат или се премногу оштетени, МОН ќе испечати дополнителен тираж. ВО меѓувреме министерството и БРО почнаа консултација за наставни програми за овие одделенија која би се имплементирала од наредната учбена година. Отворен е повик за предлози и сугестии.

Оние кои се веќе изработени да се унапредат, а новите кои треба да се подготват, да ги содржат сугестиите, особено на наставниците практичари, чие мислење е најважно во процесот на обликување на воспитно – образовниот систем - стои во повикот.

За оние кои цел работен век го минале во основното образование оваа одлука е добредојдена бидејќи сметаат дека воведувањето на новата концепција наишло на остри реакции и потребно е да се ревидира. Најважно од се е да има  учебници а наставниците да добијат соодветни насоки за реализирање на часовите.

Интегрирање на предметите не беше  прифатлива реформа за голем дел од наставниците кои главно реагираа како ќе предаваат и оценуваат доколку се спојат три предмети во еден. Она што е применливо од концепцијата според министерката ќе остане но за се останато ќе се бара мислење од наставниците и сите чинители во образовниот процес.