Македонија
19. May 2023 - 16:30

„Мој термин“ остана без термини за клучни медицински процедури

Онколошки пациенти со месеци чекаат за неопходни дијагностички процедури. За Пет скен запишани на клиника уште од декември минатата година се уште не добиле термин. Реагираат дека додека тапкаат во место и чекааат  да ги повикаат на снимање задоцнуваат во битката со ракот. Освен за оваа процедура, Мој термин во следните три месеци нема и за пејсмејкер, комјутерско снимање на заден дел од око и за некои невролошки испитувања. За колоноскопија најрано може да стигнете дури за еден месец а за доплер ќе чекате 20 дена. Дека има проблем ни потврдија и од Министерството за здравство и затоа прават контроли во дел од јавните здравствени установи. 

-Токму со цел оптимизирање на термините за дијагностика, во тек се контроли во ЈЗУ согласно Закон за здравствена заштита и правилникот од областа со кој пациентот е во центарот на вниманието со цел да му биде обезбеден термин по апарат и специјалност, велат од министерството.

Ако докторите постојано велат раната дијагностика е клучна за третманот а болните не можат да дојдат до термин, тогаш кое е решението? Семејните лекари реагираат дека на овој начин и тие и пациентите не можат да ги извојуваат битките.

-Сериозен проблем со кој се соочуваме. Секој семеен лекар е доволно компетентен на својот пациент да му закаже одредено дијагностичко иследување зашто така побрзо може да се добие снимање. Во рана фаза третманот има поголеми резултати. Ние сега мора да ги упатуваме на интернист каде с ечека два три месеци па тој да го упати на снимање уште два три месеци и во тој период болеста напреднала, вели д-р Драган Ѓорѓиевски, претседател на здружение за општа и семејна медицина.

Не само немање на термини, дополнителна закана и проблем за пациентите е и намалувањето на бројот на матични лекари. Годинешниот конгрес на семејните е под мотото – срце на здравствената заштита.

-Ако срцето престане да чука ќе се случи колапс на системот. Се почнува и завршува со матичните лекари, вели Ѓорѓиевски.

Семејните лекари објавија дека после ковиод има голем пораст на пациенти со дијабет, аритмија и хипертензија.