Македонија
23. May 2017 - 16:29

Могерини го покани Заев на премиерската вечера во Брисел

Иако е само мандатар за составување на Влада на Република Македонија, претседателот на СДСМ, Зоран Заев ќе присуствува на утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави што во Брисел ја организира Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини. Како што дознава дописникот на МИА од Брисел, од кабинетот на Могерини во рамки на Европската служба за надворешни работи, поканата до Заев е испратена во својство на designated prime-minister, односно „определен за премиер“, што значи дека лидерот на македонските социјал-демократи, иако се уште неизбран за нов претседател на македонската Влада, утре во Брисел ќе биде претставен како таков.

-Иако од кабинетот на Високата претставничка на ЕУ претходно соопштија дека поканите се испратени до актуелнтие премиери, сепак, во случајот со Зоран Заев и Македонија, Федерика Могерини одлучила да направи отстапка и се уште не избран на функцијата македонски премиер, сепак да го покани него и да го претстави во неговиот најверојатен иден капацитет пред останатите лидери од Западниот Балкан.

-Инаку, претходно портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич, најавувајќи на утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави со Федерика Могерини, истакна дека истата е со цел да се разговара за состојбата во регионот во врска со последните случувања, како и да се погледне „како сите заедно може да се движат напред“.

Според информациите од кабинетот на Могерини, по вечерата на Могерини и премиерите на пет балкански држави плус Зоран Заев од Македонија, Европската служба за надворешни работи ќе излезе со соопштение во кое ќе образложи што била целта на вечерата и што е разговарано на истата.