Македонија
2. November 2015 - 12:23

Моември - месец на мустаќи и машко здравје

Во Македонија по четврти пат се одбележува моември, месецот на машко здравје, каде преку машкиот симбол брада и мустаќи се работи на зголемување на свесноста за здравствените проблеми кај мажите како депресија, рак на простата и други болести.

Кампањата на Здружението за здравствена превенција и социјална заштита на граѓаните ПРЕВЕНТУС Скопје ќе вклучува он-лајн активности и едукативни текстови, бесплатни прегледи за здравјето на косата, како и забава поддржана од светскиот бренд Дурекс.

- Нашата цел е да вршиме едукација и да превенираме. Ајде сите заедно да го смениме ликот на машкото здравје, изјави Ристо Гапиќ, извршен директор на ПРЕВЕНТУС.

Депресијата е актуелна тема на светско ниво, но кога се зборува за неа треба да се направи разграничување - дали станува збор за состојба или за болест, велат психолозите кои се вклучени во кампањата.

- Современиот маж во потрага по деловна реализација често се губи, т.е запоставува себе си. Останува и по 12 часа на работа со постојано чувство дека мора напорно да работи. Во такви услови многу често доаѓа до брн аут што резултира со повлекување и депресија. Тоа е најчеста причина за депресивност кај младите мажи, вели Марија Стефанова, психолог-психотерапевт од психолошко советувалиште Петар Пан, Скопје.

Како еден причинител кој што може да предизвика депресија кај мажите е и опаѓањето на косата. Затоа клиниката 101 и годинава, по четврти пат, ќе врши бесплатни прегледи за мажите.

- Секојдневниот стрес кај мажите може директно да влијае на здравјето на нивната коса и скалп. Се почесто имаме пациенти кои уште во нивните триесетти години имаат сериозни проблеми со косата. Навременото барање на стручен совет и помош е пресудно, смета д-р Елена Арсова, трихолог и медицински директор на „101 Клиник“.

Како крај на акцијата ќе биде организирана и Моември забава поддржана од светскиот бренд Дурекс, на која се добредојдени сите МО Браќа и Сестри.