Мобилен пронајден во келијата на газдата на „Пулс“

Во келијата на првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март годинава избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени бил пронајден мобилен телефон со сим картичка.
На почетокот на денешното рочиште, судијата Дијана Груевска Илиевска, информираше дека Судот добил известување дека во келијата на Јованов, кој се наоѓа во притвор во затворот во Куманово бил пронајден мобилен телефон Нокиа со СИМ картичка.
-Не знам кој ви ги носи, не знам, но сега ќе дадам опомена. Да не се повтори. Следниот пат ќе забранам посети, го укори првообвинетиот судијката Груевска Илиевска.
На денешното рочиште, кое започна со половина час задоцнување, поради доцнење на еден од адвокатите од одбраната, треба да бидат сослушани тројца сведоци - законски застапници на оштетените.
На минатото рочиште почна доказна постапка, со сослушување на сведоци на предлог на обвинителството. Прво сведочеше сопственик на авто-лимарски сервис лоциран веднаш до дискотеката кој зборуваше за реновирањето на „Пулс“ од неговата перспектива како сосед на објектот, како и за трагичната ноќ кога објектот беше зафатен од пожар.
Сите обвинети на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Некои од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
На почетокот на процрсот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
МИА
Ново на Сител
-

Мицкоски: Очекувам законот за прекршоци да помине на следната собраниска седница, а „Безбеден град“ да почне од 1 февруари
-

Апел за совесно и одговорно фрлање отпад - Се чистат диви депонии во Аеродром
-

Истрага против лице од Чучер Сандево за нелегално оружје и закани кон семејството
-

НП Шар Планина пријави во полиција попречување на нивната работа на терен
-

За Богојавление - Водици автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, исклучок кај 10 линии
-

Досега 140 пријавени за фаќање на крстот во Вардар на мостот „Слобода“ во Скопје
-

Инвестирани над 65 милиони евра во образованието во последната една и пол година, вели Мицкоски
-

Загрижувачки тренд поради кој жените се откажуваат од љубовните врски
