Македонија
15. September 2017 - 17:51
МНР ја отстрани спорната фотографија на Димитров
Министерството за надворешни работи ја отстрани спорната фотографија од шефот на дипломатијата Никола Димитров, откако Сител вчера објави дека службите од министерството го илустрирале интервјуто на министерот за Дојче Веле со кадар од симболот што редовно предизвикува бес кај грчката дипломатија.
На официјалната страница на министерството, истото интервју сега е илуструрано со фотографија од Димитров во студиото на Дојче Веле.
На прашањето на Сител за проблематичната фотографија, вчера од МНР изјавија дека немаат влијание во уредувачката политика на Дојче Веле, иако спорната фотографија воопшто ја нема на веб страницата на медиумот, односно истата е постирана од службите за односи со јавност на министерството.
Отстранувањето на фотографијата ја намалува можноста за нов дипломатски скандал и за нова остра реакција на официјална Атина, слична реакцијата при појавувањето на македонскиот конзул во Торонто, Јовица Палашевски, пред мапа на етничка Македонија и знамето со Сонцето од Кутлеш, за време на одбележувањето на Илинден од страна на македонските иселеници.
Тогаш Димитров формира комисија што ќе ја утврди одговорноста на конзулот, и се обврза пред неговиот грчки колега Никос Коѕијас, дека такви дипломатски излети повеќе нема да се случуваат.
Грција провокациите од тој тип ги оценува како иредентистички, и чин на прекршување на времената спогодба, во која се исклучува секаква активност што поддржува територијални претензии.
-

Валентин Николоски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->
