МНР и Владата се уште молчат за најновите провокации од Софија
Молк од Владата и од министерството на Османи по вчерашното чествување на Илинден од официјална Софија кога целиот бугарски државен врв на Илинденското востание му даде бугарски карактер.
Македонската страна засега е воздржана од реакција на тврдењата на Радев и Денков дека се работело за востание кое било организирано од македонските Бугари што се бореле за ослободување, но и припојување кон „мајката Бугарија“.
Иако без некој посебна реакција сепак, шефот на државата Пендаровски ваквите настапи на официјална Софија ги смета за политичка пропагнада.
„Претседателот одамна не ја коментира политичката пропаганда која доаѓа од Софија на тема односите меѓу Македонија и Бугарија“, ни одговорија од кабинетот на Пендаровски.
Тој вчера на чествувањето на најзначајниот празник за македонската самобитност и држава доби честитка од Радев во која тој го честита Илиндеко-преображенското востание како значаен настан од заедничкото историско и културно минато.
Историчарите се децидни дека реториката на бугарските политичари е, како што велат, стара и бајата реторика од 19 век. Сепак, нагласуваат дека македонските интереси не може да очекуваме да бидат зачувани од друг, туку треба да ги бранат официјалните македонски политичари и општественици.
Според членот 11 од Договорот за доборососедство со Бугарија, државите се обврзале дека нема да преземаат, поттикнуваат и поддржуваат дејствија, насочени против другата земја, а кои имаат непријателски карактер.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
