МНР и Владата молчат додека Бугарија спроведува агресивна кампања врз Македонците во Албанија
Ниту официјална нота до Софија, ниту заштита за македонското малцинство во Албанија - МНР молчи по заканите на бугарски здруженија упатени кон Македонците од Албанија, да се попишат како Бугари и да прифатат нивна асимилација.
Иако Сител побара став од министерството како државата ќе одговори на повиците за помош кои ги упатија нашинците, одговор нема. На истото прашање одговор не добивме ниту од македонската Влада.
Поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев вели дека македонските институции мора жестоко да реагираат не само до бугарските власти туку и од официјална Тирана, бидејќи се дозволува угнетување на Македонците, за кои Албанија вети дека ќе им ги гарантира сите права.
Претседателот на македонското здружение Илинден, Никола Ѓурѓај за Сител вели дека цела бугарска машинерија е впуштена во притисоци кон Македонците да се попишат како Бугари.
Градоначалникот на Пустец, општината со чисто македонско население кои се под најголем притисок, во изјава за Сител вели дека до него не пристигнале никакви пријави од жителите. Очекувал успешен попис.
А македонските здруженија од Албанија цела недела од почетокот на пописот алармираат дека се под постојан притисок од бугарски претставници да прифатат нивна асимилација - Ако не се попишете како Бугари ќе останете без пасоши.
Во меѓувреме, бугарскиот Парламент е во процедура на носење на измени на Законот за бугарско државјанство кое ќе овозможи Софија јавно да ги објави имињата на сите кои во изминатите 22 години извадиле бугарски пасоши. Измените поминаа на првото читање, а се очекува и да бидат усвоени.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар