Бизнис
15. November 2023 - 16:46

ММФ предупредува – внимателно со зголемување на платите во јавниот сектор, инфлацијата може да се забрза

Предлог буџетот е добро проектиран –економијата ќе има поголем раст од годинава, а дефицитот и инфлацијата ќе паѓаат. Ова е оценката на мисијата на ММФ, по двонеделното скенирање во земјава.  Сепак предупредуваат – внимателно со предизборните ветувања за повисоки плати, затоа што пари во буџетот за тоа нема.  Клучна улога да се задржи инфлацијата на проектираните 3,6 % имаат владата и Синдикатот., велат од ММФ.

Високиот номинален раст на платите од околу 15 проценти, доколку продолжи, создава ризик за повторно забрзување на инфлацијата. Имајќи ги предвид латентните ризици, монетарната политика засега треба да остане затегната, а Народната банка треба да биде подготвена на дополнително затегнување доколку се материјализираат овие ризици. Владата и синдикатите тука имаат клучна улога, во обид да остваруваат прудентни политики во однос на платите и пензиите. Скорешните административни мерки за контрола на цените овозможија само привремено олеснување во однос на инфлацијата и тие не треба да се сметаат за трајно решение за инфлаторните прашања, укажува ММФ.

Но, од ССM не се согласуваат. Велат , како што растат трошоците за живот, така треба да растат и платите во јавниот сектор. Дали ќе има пораст од 10% на платите во цел јавен сектор, или ќе се зголемат само во образование и здравство, не им е јсно. Чекаат прво да го видат предлогот за трошењето на државата каса, а потоа ќе ги коментираат бројките  

Владата најави дека за плати во јавниот сектор издвоени се 670 милиони евра, со предвидено зголемување за 10%. Ќе растат и пензиите. За нив се проектирани 1,4  милијарди евра, а од март за 1,000 денари ќе се покачи и минималецот.

Министерот за финансии вчера изјави дека следната година нема да се зголемуваат  функционерски плати. Но денеска не добивме одговор дали новиот буџет е проектиран со намалување на нивните плати, кои годинава скокнаа за 78%, за кој ветија дека бараат начин како да си ги намалат.