Македонија
7. јуни 2016 - 13:32

Младиот планинар Ване Бошев од Неготино ќе ја освојува Европа

Младиот планинар Ване Бошев од Неготино на неполни седум години се искачи на највисокиот врв на Балканот,  Мусала во Бугарија висок 2.925 метри и 40 сантиметри, а сега со неполни девет ќе ја освојува Европа.

Ване изминатите денови зеде активно учество на Фестивалот за спорт и рекреација околу Демиркаписката клисура, каде  покажа колку брзо може да се искачи на дрво по јаже и колку ужива во каменото царство на клисурата. Неговиот татко Орданче најавува нови планинарски авантури во кои ќе учествува неговиот син.

- Ване интензивно се подготвува за на 5. август да го искачи врвот Цугшпице, висок 2.962 метри надморска височина, што е највисок врв во Германија. Доколку му успее, според информациите кои ги имаме, ќе биде првиот балканец на негова возраст на кој му успеало тоа.  На неговата агенда се и врвот Alspitz  висок 2.625 метри надморска височина, трет по височина во Германија, како и Grosvendiger, висок 3.666 метри надморска височина. Доколку го искаче последниов врв што го спомнав како што е планирано, тоа ќе биде негов личен рекорд и најголем успех, но и успех на Македонија, бидејќи според нашите сознанија, ќе биде првиот македонец но и балканец и европјанец на негова возраст,  што стапнал таму. Станува збор за врв на Алпите од австриска страна, трет по височина во Австрија, рече неговиот татко Орданче кој е долгогодишен планинар и од кој Ване ја има наследено љубовта кон планинарењето..

Младиот Бошев планинари од неполни три години, а неговата планинарска мисија започнува на планината Серта кај Неготино. Досега има освоено шеесетина врвови во земјава и странство. Во спомен на прерано загинатиот претседател на Република Македонија Борис Трајковски и неговите соработници,  годинава  искачи два врва во соседна Албанија. По низата извонредни успеси на полето на планинарството, младата надеж на македонското планинарење има освоено бројни награди и признанија и се гордее со двете   признанија од Федерацијата на планинарските спортови на Македонија, кои му ги врачи лично претседателот Јовица Угриновски.

- Убаво и здраво е да се биде планинар. Сакам многу други деца како мене да ги сакаат планините и природата. Им раскажувам на моите другарчиња за моите доживувања, за тоа како на некои од планините има снег и тогаш кога тие одат на кратки ракави во градот. Се надевам дека и тие еден ден ќе ми се придружат, рече Ване.

Негова следна цел е на 10 години да се качи на врвот Мон Блан, највисокиот врв во Западна Европа, висок 4.808 метри надморска височина и да биде најмладиот на кој му успеало тоа.