Македонија
7. January 2023 - 14:54

Митрополит Петар: Божик е корен и извор на сите наши блага

Да се радуваме и да се веселиме, браќа и сестри, зашто со нас е Бог, зашто Христос се роди. Божик е. Настапи празникот – мајката на празниците и се исполни со радост вселената, рече денеска митрополитот г. Петар во Храмот „Св. Великомаченик Димитриј“, честитајќи им го празникот на битолчани.

Како што истакна, овој празник е за торжество на сите добродетели, корен и извор на сите наши блага.

-Празник преку кој небото се отвори, преградите паднаа, мракот се распрсна, светлината блесна, небото прими естетство произлезено од земјата, земјата го прими Оној, Кој почива на херувимите, робовите станаа слободни, непријателите – чеда. Преку овој празник е уништена продолжителната омраза и долгата војна, и настапи мир, одамна очекуван од ангелите и посакуван од праведните луѓе, рече митрополитот г. Петар и порача го молиме Богомладенецот Христос да допре до сечие срце, да го осветли патот на сите вас, во нашата Преспанско-пелагониска Епархија, во Епархијата за Австралија и Нов Зеланд, и насекаде во православието, посочи митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозелнадски, г. Петар.