Бизнис
20. February 2016 - 13:56

Мисајловски:Преку 430 милиони евра инвестиравме во патната инфраструктура во источниот регион

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев денеска свечено го пуштија локалниот пат до штипското село Пухче во должина од 2,2 километри. Мисајловски истакна дека остануваат да се изградат уште еден километар, со што комплетно ќе биде изграден овој локален пат.

- Јас сум ви благодарен на вас жителите, бидејќи имаме поддршка во реализацијата на проектите, а ќе продолжиме и во иднина. Сакам да ви информирам и за неколку други работи кои се многу важни. Овој регион, а посебно Општина Штип и целиот регион околу општината доживува една градежна експанзија. Ние како Влада ќе инвестираме преку 430 милиони евра директно за овој регион. Знаете дека се гради автопатот од Скопје до Штип инвестиција вредна преку 200 милиони евра. Се гради експресниот пат од Велес кон Штип и тој е преку 70 отсто завршен, јас очекувам за неколку месеци комплетно да биде завршен, рече Мисајловски.

Тој истакна дека во источниот дел на Македонија ќе се градат и два експресни патни правци.

- Веќе распишавме тендер за изградба на експресни патишта од Штип до Радовиш и од Штип до Кочани, а исто така потпишавме договор од Кочани до Делчево реконструкција на 30 километри. Така да овој регион заслужува многу, а ние како Влада тоа го знаеме, рече Мисајловски.

Досега, како што информираше министерот за транспорт и врски, се завршени и преку 400 локални патишта, вклучувајќи го и локалниот пат кон штипското село Пухче, а инвестицијата е преку 65 милиони евра.

Директорот на ЈП за државни патишта, Александар Стојанов рече дека досега се изградени пет локални патишта, чија должина е 16 километри.

- Преку програмата за редовно одржување во Општина Штип направивме преку седум километри регионални патишта што влегуваат и излегуваат од Штип. Последното е врска од Штип према Скопје и врската од Штип кон Кочани, каде што го ставивме првиот слој на асфалт, рече Стојанов.

Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев истакна дека во Лакавичкиот регион кој беше запоставен регион во рок од три години се изградени неколку локални патишта и улици низ селат.

- Морам да кажам дека со поддршка на ЈП за државни патишта прво го направивме патот до езерото Мантово во должина од пет километри. Општината го направи и патот до село Лесковица и сите улици во селото Лесковица, потоа го обновивме патот до село Пиперово, преку Платежната агенција го напрвивме и патот до селото Горачино, наред ни е до село Танатарци. Кога се направи овој пат до селото Пухче јас бев среќен, затоа што бев свесен колку тука има живот. Значи 500 години постои оваа населено место и имаме идеални услови за сточарство, за земјоделие, пчеларство, рече Захариев.

Штипскиот градоначалник најави дека во тек е тендерската постапка за улици во селото Селце, потоа ќе се градат и улици во село Драгаево и во Лакавица. Во текот на оваа година ќе се обнови и локалниот пат до селото Балталија.