Македонија
22. May 2024 - 12:34

Мирна атмосфера на денешното прегласување во општините Долнени и Крушево

Утринава во мирна атмосфера точно во 7 часот беа отворени двете избирачки места каде што се прегласува 1470 и 1470/1 во основното училиште „Али Фети Окијар“ во селото Дебреште, Општина Долнени. На двете избирачки места своето право на глас можат да го остварат 1.290 граѓани. Претпладнево излезеноста во споредба со претходниот изборен циклус од 8 мај е помала, но се очекува таа да се зголеми во попладневните часови.

„Гласањето започна навреме, уредно во 7.00. Нема проблеми со фингер принтот, се си течи во ред. Се уште е салб одзивот, но луѓето работат, се надеваме дека попладне ќе имаме поголем одзив. Засега од вкупно 658 запишани гласале 32“, истакна Сатки Мифтароски, заменик претседател на избирачко место 1470.

„Во ова избирачко место вкупно има 632 глсасачи. Досега се е во најдобар ред. Излезеноста до 9 часот е околу 16 гласачи, се надеваме дека се до крајот ќе биде како што треба“, рече Аринета Ќерими, заменик претседател на избирачко место 1470/1.

Граѓаните кои денеска гласаа очекуваат подобрување на квалитетот на живот во сите сфери.

„Пред се да заврши прегласувањево во најдобар ред, избориве да поминат мирно. Очекуваме подобруивање во сите сфери“, изјави еден граѓанин.

Вчера на овие 2 избирачки места гласале 9 болни и изнемоштени лица. Во овие 2 избирачки места се прегласува по одлука на ДИК која одлуката ја донесе по приговор на еден подносител на листа.

„Државната изборна комисија на седница ги разреши избирачките одбори на местата каде што претходно беше поништено гласањето и донесе заклучок со кои што Општинските изборни комисии беа задолжени два избирачки одбори, од другите места каде нема прегласување да го спроведат гласањето на овие 2 места каде се прегласува“, истакна Иван Нинески, претседател на ОИК Долнени.

Инаку во овој регион се прегласува и на 2 избирачки места во Општина Крушево во селото Јакреново на избирачкото место 1202, каде гласаат 298 граѓани и во селото  Бучин, на избирачкото место 1194 каде гласаат 469 граѓани. Вчера на двете избирачки места гласале 24 болни лица. А излезноста до 11 часот во селото Бучин е 18,6%, додека во Јакреново 11,7%.