Македонија
1. јуни 2021 - 19:53

Министрите заглавија на седница, олабавувањето на мерките од утре

Олеснување на превентивните мерки од утре. Владата доцна попладнево ги усвои препораките од Комисијата за заразни болести, но ќе стартуваат од утре откако прво ќе бидат објавени во Службен весник.

Нема да мора да се носи маска на отворено, но здравствените власти препорачуваат да се практикува тоа кога се седи во поголеми групи. Маската ќе остане задолжителна во јавниот превоз, во такси и во сите затворени простории.

Нема веќе ниту ограничување за групирање на јавен простор. Но, полицискиот час останува уште две недели, односно до 15 јуни, а ќе трае во истиот интервал, од полноќ до 4 часот наутро.

Се укинува и мерката за работа во смени и од далечина.

Олеснувања има и во однос на работата на угостителските објекти. Сега на една маса ќе може да седат шест лица, наместо како до сега по четворица.

Се дозволува да се организираат свадби, прослави и веселби на отворено на летните тераси, каде може да има максимум 100 гости, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот.

Угостителите го поздравуваат олабавувањето на мерките, но сметаат дека има многу нелогичности. Бараат да се дозволи жива музика секаде, а не само во рестораните за свадби, но и да се дозволи гласна музика.

Од денеска дозволено е и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено, но само до 30% од вкупниот капацитет со задолжително одржување меѓусебно растојание.