Министерството најавува вакцинацијата во февруари, но не знае со кои вакцини
Месецот помина, а македонските граѓани се уште чекаат на првите вакцини против Ковид-19. Од Министерството за здравство денеска ни одговорија дека имунизацијата ќе започне во февруари и ќе биде во континуитет. Но кога ќе стигнат првите количини и од кој производител нема прецизни детали. За вакцините од Фајзер што ги отстапи Србија здравствените власти се уште чекаат дозвола од производителот а од кинески Синофарм очекуваат деновиве да биде познат датумот на испорака на 200.0000 дози.
За секој нов момент околу вакцините, јавноста добива навремени и точни информации. Проблемот со испорака на вакцини е на глобално ниво, и од аспект на мали количини, и од аспект на неневаремени достави. Многу земји во светот, поради тоа ја започнаа, па ја прекинаа вакцинацијата.
Наша цел е вакцинацијата која во нашата земја ќе започне во февруари, да има еден континуитет, велат од МЗ.
Надлежните уверуваат дека нема никакви законски пречки која било вакцина против Ковид-19 да биде увезена во земјата. 8000 дози од Србија планираат да ги донесат со интервентен увоз и истите се предвидени за здравствените работници. Веста за ова беше објавена уште на 18 јануари, но досега не е прецизиран рок кога ќе се најдат на граничниот премин Табановце.
Иако вакцини се уште нема, од Министерството велат дека системот е подготвен а усвоен е и Националниот план за ковид вакцинација.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
